Музичкиот фестивал „Мозаик“, што требаше да се одржи вечерва во Скопје, е одложен заради препораките на Владата, а поврзани со мерките за ширење на коронавирусот. Организаторите, заедно со музичарите што требаше да настапат денес, меѓу кои Владо Јаневски, Нокаут, Слаткаристика, Ферус Мустафов и други, решија да го одложат концертот. Тие велат дека засега нема да ги одложуваат концертите што треба да се одржат во Прилеп и Куманово во март.
„Поради препорачаните насоки за ограничување на масовните јавни собири дадени од Центарот за управување со кризи, ќе ги следиме сите превентивни препораки. Затоа, дополнително ќе биде закажан новиот датум на одржување на предвидениот концерт во Скопје“, велат организаторите.
Сите купени влезници ќе важат и за новиот датум. За оние што сакаат да ги вратат билетите, средствата ќе им бидат рефундирани преку продажната мрежа на www.mktickets.mk со соодветен документ за нивно купување.
Инаку, „Мозаик“ е замислен како петчасовен концерт, на кој ќе настапат некои од најголемите музички ѕвезди во Македонија, а ќе се одржува во три града – Скопје, Прилеп и Куманово.