Кристина Димитри пееше во Хрватска за католичкиот Божик: Направивме одлична журка со балкански хитови

Кристина Димитри и диџеј Боно минатиот викенд го имаа својот прв настап во Хрватска. Тие пееја во Славонски брод, пред неколку стотини луѓе и направија супер журка, па организаторите ги поканија пак да настапат во истиот клуб.

„Настапот го договоривме преку Инстаграм. Ми пишаа: Ти си само за кај нас и побараа со Боно да пееме за католички Божик. Ми беше особено мило што настапувам во Хрватска, бидејќи ја сакам од повеќе причини. Пеевме во голема хала, и реакциите беа фантастични. Беше убава размена на енергии што имав чувство како да настапувам во Македонија“, ни раскажа Кристина.

Настапот бил најавен еден месец претходно, а Кристина вели дека и таа и публиката со нетрпение го чекале.

„И неколку недели пред настапот нè тагнуваа на Инстаграм, најавуваа. Репертоарот беше како и секогаш ‘балканска журка’, но додадовме уште неколку хрватски хитови на крајот. Организаторите ни предложија да споиме неколку настапи во Хрватска едно по друго, но моравме да ги одбиеме поради обврските и веќе закажаните настапи во Македонија“, вели таа за „Репортер“.

Ни откри и дека со настапите низ земјава ќе продолжи по Божик.

„Како и лани, така и сега празниците избирам да ги поминам со мојот син и мојата фамилија, а со настапи продолжуваме по Божик. Ќе има и многу нови промени, но тоа ќе го споделам наскоро“, додаде таа.

(А.Ј)

 

 

Scroll to Top