Ливерпул сака да го купи Елмас, пренесоа турските медиуми

Поранешниот европски и англиски шампион Ливерпул во јануари сака да го купи македонскиот фудбалер Елиф Елмас, објави турскиот весник „Аксам“. Според турскиот медиум, тренерот на Ливерпул Јирген Клоп сака да го купи Елмас заради недостиг на фудбалери во средниот ред.

„Неколлку англиски клубови се заинтересирани за Елмас, но Ливерпул е еден од посериозните. И Наполи, кој му е противник на Ливерпул во Лига шампиони е исто така заинтересиран за продажба. Иако италијанскиот клуб нема многу желба да го продаде, за добра сума ќе прифати такво нешто“, пишува „Аксам“.

Досега неколку клубови летово беа заинтересирани за Елмас меѓу кои и италијанскиот шампион Милан, но на крај трансферот не се реализира. Како што пренесуваат медиумите, Наполи нема да го продаде Елмас за помалку од 30 милиони евра, пари кои за англиските премиерлигаши не се проблем.

За потсетување, македонскиот репрезентативец во Наполи дојде за 16 милиони евра од Фенербахче во летото 2019 година и досега има 141 меч за наполитанците со 12 гола и осум асистенции. Сезонава одигра 15 меча со еден гол, но само три како стартер.

Scroll to Top