Фолк-пејачот Наум Петрески ја промовираше песната и видеото посветени на сите ловци и риболовци. Не е тајна дека на Наум пасија му се ловот и риболовот, дружбите со ловџиите, неговите пријатели. Овој пат тоа реши да го отпее и во песна.
„Уште од мал со татко ми одевме на риболов. Од тогаш се сеќавам на првите денови со трската, покрај брегот на езерото, со мојот татко. Риболовот и ловот ми станаа љубов и пасија, освен музиката се разбира, па затоа многу емотивно го доживувам овој проект посветен на сите мои другари и пријатели“, вели Наум.
Љупчо Стевковски – Труба, познат скопски угостител и ловџија, повеќе од 20 години е иницијатор на целиот овој проект. „Две години размислувавме како треба да звучи песната и да изгледа спотот. Му кажав во една пригода, при наша дружба во Богомила: ‘Наум, досега имаш отпеано песни за сите Деспини, Јовани, за Лазарополе. Мислам дека време е да отпееш песна и за нас’. И ете сме денес, ја промовираме песната на чуварите на природата и планините, песната за сите ловци и риболовци“, вели Љупчо. Текстот е на Борче Нечовски, додека, пак, музиката и аранжманот на Дејан Момировски.