Македонската публика го бендиса „Кајмак“ на Милчо Манчевски: холивудска премиера во Скопје

Глумци, уметници, музичари, спортисти, политичари и бизнисмени, вчеравечер дојдоа на премиерата на новиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“ . Во Филхармонија, каде беше премиерата, режисерот и глумците ги пречекаа своите гости на црвениот тепих. Се сликаа и разговараа со нив. Милчо рече дека со нетрпение ја очекува реакцијата на македонската публика.

Оние кои синоќа премиерно го гледаа Кајмак, не останаа рамнодушни на приказната за двете семејства од Скопје. Во текот на проекцијата публиката се смееше и меѓу себе коментираше за смешните и иронични случки од нивното секојдневие.

Потоа, со силен аплауз и овации ги поздравија сите што работеа на филмот. По проекцијата, на сцената излегоа главните глумци: Александар Микиќ, Сара Климоска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Ѓорѓи Јолевски и други, и заедно со Манчевски се поклонија пред публиката.

На македонската премиера на „Кајмак“ дојде и претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета, а беа и Влатко Стефановски, Катарина Ивановска со Перо Антиќ, Јелена Жугиќ, Силвија Стојановска, Ристо Пенов и многу други.

„Кајмак“ , кој е седми филм на Манчевски, е црна комедија или среќна трагедија за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и величење на индивидуалната слобода.

Филмот светската премиера ја имаше минатиот месец на фестивал во Токио, со три распродадени проекции. По ова се прикажуваше и во Тајпеј, каде што Манчевски делеше автограми повеќе од еден час.

„Кајмак“ од вечерва ќе се прикажува во кината низ цела Македонија.

Фото: Инстаграм „Кајмак“

 

Scroll to Top