Македонскиот актер Крис Петровски ќе глуми со Алек Болдвин во новиот филм

Македонскиот актер Крис Петровски ќе го глуми синот на Алек Болдвин во шпионскиот трилер „Шеф на станицата“. За „Репортер“ Крис откри дека филмот ќе почне со снимање на крајот на ноември во Унгарија, но неколку сцени ќе се снимаат и во Скопје.

„Екипата треба да е во Будимпешта на 18 ноември и тогаш почнуваме со работа. Јас го глумам Ник Малој, а Алек е мојот татко Бен, кој е всушност шпион на ЦИА. Таткото и синот не се во добри односи и тука се развива дел од приказната, но не смеам да откривам многу за сценариото“, ни рече Петровски во разговорот.

Крис, кој живее во САД десетина години, досега глумел во неколку серии и филмови, меѓу кои и „Црна листа“ и „Госпоѓа државен секретар“. За улогата на Ник не бил на класична аудиција, туку режисерот Џеси Џонсоон и сценаристот Џорџ Махафеј сами го побарале.

„Неодамна глумев во филмот ‘Реј Донован’, па откако ме виделе таму, ме викнаа на разговор. Ми кажаа дека и претходно ме гледале во серијата ‘Госпоѓа државен секретар’, но поради улогата мислеле дека мојот акцент е руски. Јас од мал живеам во Нов Зеланд, па се преселив во Америка и имам американски акцент. Кога го сфатиле тоа си рекле, ‘ова е човекот за улогата’, и така ме исконтактираа“, ни раскажа Крис.

Во филмот ќе глуми и Олга Кирленко, која беше Бонд девојка во „Зрно утеха“, а се појави и во хитот на Марвел „Црната вдовица“, и Алекс Петифер, една од ѕвездите на филмот „Магичниот Мајк“.

На прашањето дали Алек ќе дојде да снима во Будимпешта и дали му е дозволено да излезе од Америка, Крис вели: „Ова ќе биде прв негов филм по инцидентот на сетот на филмот Rust и колку што знам не постои никаква пречка за тој да патува и да дојде во Унгарија на снимањето“.

Ни откри и дека во текот на снимањето ќе има една недела слободна, па сака тие денови да ги искористи да го види семејството во Битола, кое последен пат го виде пред две години.

„Се надевам дека ќе имам време да дојдам на неколку дена, зашто Будимпешта е навистина блиску“, вели тој.

А. Јовановска

 

Scroll to Top