Утрово во вилата „Ангелика“ во Неа Врасна во Грција биле ограбени четири македонски семејства. Крадците ги ограбиле додека тие спиеле, откако им прснале гас под вратата за дополнително да ги зашеметат, велат ограбените македонски туристи. Меѓу нив е и музичарот Живко Динев од Струмица, поранешен бас-гитарист и вокал на ,,Браво бенд’’, кој за „Репортер“ раскажа за филмскиот грабеж во вилата во Неа Врасна. Вели дека тој и неговата сопруга Ана останале без 600 евра, а и другите семејства што биле ограбени останале без пари, па дури и без златен накит.
„Кражбата многу нè вознемири, посебно поради начинот на кој бевме ограбени. Ние спиевме со заклучена врата, а крадците во сите четири соби оперирале на ист начин. Во разговор со полицијата дознавме дека ни прснале некаков спреј, или гас, што и да е, не знам, под вратата, некое средство што предизвикува да паднеш во длабок сон, па затоа сите уште поцврсто заспавме и не почувствувавме кога влегле и кога нè ограбиле“, изјави Динев за „Репортер“, кој сè уште е во Грција и додава дека уште се во неверување за ова што се случило. Музичарот додава дека не слушнале ништо додека крадците ограбувале, а утрото кога станале се чувствувале како дрогирани. Ни раскажа дека сè е многу чудно затоа што сите спиеле со заклучени врати, и сите на ист начин биле ограбени.
„Кредитните картички не беа пипнати, сè беше тука, само парите беа земени, а утрото кога станавме вратата беше заклучена. Ова е многу чудно“, објаснува Динев.
Грчката полиција рекла дека не е првпат вака да се краде во Грција. Покрај парите, украден е и накит на други македонски туристи.
А.Георгиев