„Макфест“ годинава најави неколку домашни суперѕвезди и музика за сите вкусови и возрасти

Годинешниот „Макфест 2023“  кој ќе се одржи на 20 и 21 октомври во Центарот за културата „Ацо Шопов“ во Штип нуди едно многу поинакво издание на најпознатиот фестивал во Македонија.

Годинешното 38-мо издание на фестивалот на забавна музика „Макфест 2023“ во Штип, според списокот на музички имиња и квалитетот на песните кои ќе ги изведуваат, ветува уште посодржајна и поатрактивна музичка понуда од минатата година.

„Ако фестивалот лани направи крупен исчекор од  неколкугодишната летаргија, годинава се очекува тој со крупни чекори да зачекори кон изданијата од своите најдобри денови во долгата и богата историја“, велат организаторите.

Првата фестивалска вечер на млади надежни имиња и фестивалски дебитанти, која воедно има и натпреварувачки карактер, на сцената ќе ги претстави имињата како Драгана Јовановска, Тијана Периќ, Бранкица Свирков – Бани (во дует со Томе Токи), Марија Грујовска, Александра Трајческа…

Половината најдобри од првата вечер ќе се најдат на сцената на “Макфест 2023“ и во следната, ревијална вечер, рамо до рамо со поголемите, попознати и веќе етаблирани естрадни имиња.

Во втората ревијална вечер годинава ќе имаме вистинска македонска музичка „прва лига“ засилена со неколку македонски суперѕвезди. Некои од нив пред извесен број години учествувале на „Макфест“, некои за прв пат се на сцената на домот на културата во Штип, но сите заедно се едни од најголемите македонски музички имиња, со бројни настапи, концерти, турнеји и секако… дузина хитови зад себе што и денес ги пејат и повозрасните и помладата публика, радиостаниците  со години не престануваат да ги вртат во радиоетерот.

Музички и продукциски, уметничкиот директор Роберт Саздов и неговиот тим соработници како што самиот изјави, направија се’ звукот на „Макфест“ да биде уште поблизок до актуелните, светски, музички трендови  од друга страна, со свеж  звук и модерна продукција блиски до младата публика, да не се заборави и онаа повозрасната, која ќе може да ја препознае песната блиска до нејзиниот вкус и сензибилитет.

Со еден збор на „Макфест 2023“ ќе има музика за сите вкусови и возрасти. Со таа цел и во тој дух е создаден и годинешниот слоган, односно годинешното мото на фестивалот:  „38 години Макфест – „Фестивалска симфонија за цела Македонија“!

Scroll to Top