Марко Пејчиновски доби стипендија од државата од 200.000 денари

Марко Пејчиновски денеска доби стипендија од државата во износ од 200.000 денари.  Стипендијата му ја врачи премиерот Димитар Ковачевски, кој му честита за сите досегашни спортски успеси. Средствата беа обезбедени од Националната федерација „Спорт за сите“.

За потсетување, Пејчиновски летово исплива дури 64 километри во Охридското Езеро. За „Репортер“ ни рече дека од почеток знаел дека на целта ќе излезе со кренати раце и насмевка.

„Мислев дека ќе биде дојдена само фамилијата да ме пречека. Се изненадив колку многу луѓе имаше. Веднаш дојдоа да се фотографираат, да се гушнеме и не можам да лажам, ми беше убаво. Бев изморен и не можев да им обрнам внимание колку што сакав“, ни рече Марко.

Тој и пред три години проба да ги преплива овие 64 километри, но тогаш се откажа поради болки во ногата. Вниманието на јавноста првпат го привлече кога на 12 години пливаше од Свети Наум до Охрид на соло маратон. Пливаше со некроза на ногата, ретка болест поради која некогаш му е тешко да се движи и често трпи големи болки. Ни кажа дека плива само со рацете. Нозете не ги користи, па затоа и не се натпреварува на маратони.

Scroll to Top