Медената Атиџе доби награда во САД за најпривлечен лик во документарец

Документарниот филм „Медена земја“ освои две награди на Избор на критиката за документарци во САД на синоќешното доделување на признанијата во Њујорк.

На режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов им беше доделена наградата за најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова ѝ беше врачена наградата за најпривлечен лик во документарец.

Наградите, кои ги доделува Американското здружение на критичарите, се сметаат за едни од најдобрите предвидувања на номинациите за „Оскар“, што ќе бидат соопштени во јануари 2020.

Филмот  „Медена земја“ веќе е меѓу петте номинирани за најдобар документарец на „Европските филмски награди“ за 2019 година, што ги доделува Европската филмска академија (ЕФА). За овој избор одлучуваат гласовите на 3.600 членови на ЕФА, а победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин.

„Медена земја“ е македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм. Во тек е промотивната кампања на филмот за номинации за најпрестижната филмска награда, со поддршка од Агенцијата за филм.

 

Scroll to Top