Меѓународен танцов фестивал Credеnce Dance второ издание

Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје е организатор на вториот по ред Фестивал за класичен и современ танц Credеnce Dance Festival кој ќе се одржи од 1 – 5 јуни во Националната опера и балет. Фестивалот е профилиран како платформа за презентација на искуствата и знаењата. Структуриран е во три вечери, две на современ танц (1 и 5 јуни) и вечер на класичен танц (4 јуни).

На програмата се современи дела кои ќе бидат премиерно изведени и се наменски подготвени за фестивалот, како и фрагменти од класичниот репертоар од балетите „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“, „Дон Кихот“ и други. Во рамки на фестивалот се доделува наградата за трајни вредности во македонската танцова уметност, која четиричленото стручно жири оваа година ја додели на доајенот на танцовата уметност г-ѓа Емилија Џипунова. Како претходница на фестивалот на ФМУ се одржа работилница по балетска критика, која треба да претставува стимул за создавање на идни балетски критичари. Признанијата за најдобрите критики исто така ќе бидат доделени на фестивалот.

Интенција на Credеnce Dance Festival-от е ширење на границите и воспоставување на мостови на соработка. Оваа година покрај целокупниот состав на студенти од првиот и вториот циклус студии, ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ Скопје, на сцената ќе продефилираат студенти и млади танчери од Германија, Унгарија, Италија, Шпанија, Велика Британија, Полска и Србија. Како дел од програмата се и алумните на ФМУ, примабалерината на Националната опера и балет Марија Кичевска – Шокаровска, солистите Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, танчерите Ангела Велевска, Виолета Карајанова, Мартина Димовска, Теодора Ежовска и Бојан Мицев. Во организацијата и подготовката на концертата програма учествуваат Александра Мијалкова, Соња Здравкова-Џепароска, Искра Шукарова и Горан Божинов.

Фестивалот се реализира со поддршка од Министерството за култура и Националната опера и балет.

Scroll to Top