Легендарната група „Меморија“ во киното „Фрoсина“ денес собра голем дел од своите музички колеги и јавни лица. Повод беше претстојниот концерт на 18 ноември во „Метрополис арената“ каде што бендот првпат ќе настапи по пауза од 25 години. Познатиот скопски диџеј и урбана легенда, новинарот Драган Б. Костиќ, беше поканет да раскаже за времето кога „Меморија“ беше во зенитот на популарноста на домашната сцена, но и да ги промовира нивните идни музички планови. Емотивно, секој од членовите на „Меморија“ ја раскажа и својата приказна за почетоците на бендот, свирките, настапите, сѐ до последниот настап пред 25 години.
„Горди татковци на успешни и талентирани деца, успешни бизнисмени, рибари, сликари, но пред сѐ музичари“, велеа за себе членовите на бендот.
Апостол (Поце) Икономов, Дејан Кузмановски, Ицо Јовковски, Бане Поповиќ и Валентино Скендеровски ветија концерт што ќе остане во меморијата на сите.
„Ветуваме одлична забава. Имаме и подароци за фановите. Цеде од последниот албум ќе добијат првите 1.500 фана кои ќе купат карти за претстојниот концерт“, рече Перо Камиказа. Билетите се по цена од 500 денари.
Љ.В