Металик шминка и необични нијанси за дочекот на Нова година: Мери Бајрамовска ги открива најголемите празнични мејкап трендови

Мери Бајрамовска од Охрид веќе десет години ги шминка дамите од Македонија, но и јавните личности од регионот. Соработувала со сите, од Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Елена Велевска, до Наташа Беквалац и Теа Таировиќ, кои доаѓаат кај неа да ги нашминка кога имаат настап или снимање во Охрид. Мери, која на Инстаграм е позната и како Мејкап бај Мери, неодамна ја доби наградата за мејкап инфлуесер за 2022 година. Пред Нова година, Мери во разговор за „Репортер“ открива кои се празничните трендови, боите што ќе бидат хит оваа сезона, но и кои се најголемите грешки што ги прават дамите кога се шминкаат.

Кој е најголемиот тренд во шминкањето за новогодишните празници оваа година? 

Секогаш актуелна за свечени моменти, како што е дочекот на Новата година, е шминката каде се употребени интензивни и впечатливи бои. Овие празници на дамите им препорачувам да блеснат со тренди металик шминка на очите. Ваквата шминка дефинитивно ќе изгледа одлично во комбинација со гламурозниот стил што ќе го одберат за прославата на најлудата ноќ.

Колку новогодишната шминка треба да се разликува од шминката за вечерно излегување во останатиот дел од годината?

Новогодишната шминка треба да биде светла, различна од секојдневната шминка. Слободно можете да ги користите необични нијанси, слободно ставите кармини со засилени бои, цртајте дебели стрели итн. Оваа шминка треба да биде атмосферска, поврзана со прославата и свечениот настан.

Постојат некои правила кои се однесуваат не само на шминката за новогодишната забава, туку и за секојдневната грижа за изгледот. Шминката треба да ги нагласи вашите силни страни, а да ги скрие недостатоците. Не постои идеална опција за секого, треба да се водите по вашите црти на лицето. Обрнете доволно внимание на израмнувањето на тенот на кожата, па користете различни тонски кремови, коректори, прашоци и слично. Колку и да е софистицирана, шминката може да биде промашена ако има нерамномерност и разликата на бојата на лицето со вратот, што може да го наруши целокупниот впечаток. Очите се најважниот дел од шминка и на нив треба најмногу да се стави акцент. Шминката треба да се комбинира со вашата облека.

А што е со дневната шминка за празничните прослави, бидејќи многу журки на 31 декември се прават преку ден?

И тука препорачувам многу сјај кој може совршено да се комбинира со природноста. Преку ден треба да доминира монохроматски шминка, што подразбира употреба на сите производи за шминка во форма на сенки, кармин и слично, но да биде со понежни неутрални бои, без остри линии и нападна техника. Особено е важно да се истакне природната убавина.

Што е хит оваа празнична сезона? Постојат ли правила до кои треба да се придржуваат девојките?

Оваа празнична сезона во шминката ќе царуваат пет правила.

Разбушавени веѓи: полните, густи, разбушавени веѓи се голем тренд во последните неколку сезони. Суштината е во тоа што тие изгледаат природно и малку неуредно, а како такви ѝ даваат карактер и израз на секоја личност.

Изоставете го руменилото: за оваа сезона руменилото е надвор од употреба. Природната кожа без потенцирање на образите е вистински избор. А за оние кои не можат да се откажат од оваа шминка може да нанесат само малку руменило.

Сјајни усни со боја на цреши: сјајни кармини со боја на црвено вино, трула вишна и темнорозови нијанси ќе бидат хит оваа сезона. Кога користите една од овие нијанси на усни, шминката на очите треба да биде минимална.

Тенка линија со туш: и оваа зима тушот за очи е неопходен. Користете го за да исцртате тенки линии само по должината на горниот капак на окото. На краевите линијата треба да исчезнува, а во средината да е малку подебела.

Густи трепки: набавете си маскара за погусти трепки и редовно нанесувајте на трепките на долниот и на горниот капак.

Кои бои се хит оваа зима, а кои бои треба да се избегнуваат?

Во студените месеци нема да доминираат темни и безживотни бои како што сме вообичаено навикнати да гледаме. Модните дизајнери со своите колекции веќе ги најавија боите кои ќе се носат во претстојниот период, а тоа се живописни и енергични бои кои нè очекуваат оваа зима, и тоа, капучино-беж, зелена и кафена, нежен ирис, крем бела боја и моќни монохроматски опции.

Кои се најголемите мејкап грешки што ги прават дамите, а што пробуваш да им ги посочиш и на твоите клиенти?

Најголем број од жените имаат конкретни навики на кои нанесуваат шминка, но и различни типови на шминкање за различни периоди од денот. Најважно е кога ќе се погледнеме во огледало да се чувствуваме удобно во сопствената кожа. Но сепак постојат одредени правила ако сакаме нашата кожа на лицето да изгледа беспрекорно, а кои треба да ги избегнуваме. Прва грешка и најголем проблем е користењето шминка што е неквалитетна, а е лоша копија на шминка од познатите брендови. Втората грешка е нанесување погрешна нијанса на пудра, а трета грешка е нанесување на руменилото на погрешен начин.

Неодамна ја доби наградата за мејкап инфлуенсер за 2022 година… Што те прави поразлична од другите, зошто мислиш дека токму ти ја доби оваа награда?

Чест ми е што на четвртите U&Z Influencer Awards ја добив наградата за мејкап инфлуенсер, што ми преставува голема поттик за понатамошен успех. А зошто сум поразлична? Најверојатно во тоа што преставувам синоним за автентичен, авангарден мејкап артист кој диктира урбан и препознатлив моден правец во шминкањето, секогаш во чекор со најсвежите модни трендови, а цел ми е да ги пренасочам светските модни текови на шминката кон македонскиот пазар. Мислам дека оваа награда ја добив затоа што никогаш не сонував за успехот, туку работев за него. Ја имав таа привилегија за мене да пишуваат и светски реномирани медиуми како Дејли меил, Космполитан, Гламур Париз, а моите видеа беа прикажани и на неколку телевизии.

Андријана Јовановска

Scroll to Top