Ми се исполни детскиот сон да бидам меѓу најдобрите: Интервју со диџеј Александар Галоски за светскиот успех во електронската музика

Диџејот и продуцент Александар Галоски (30) е првиот Македонец кој некогаш се рангирал на светската листа најпознати продуценти и артисти во светот на електронската музика „1001 траклист“, која воодно е најголемата веб-страница во светот која се занимава со овој тип музика. Галоски беше на 69-то место, од вкупно 101.

Во интервју за „Репортер“, Галоски ни откри дека уште во 2018 година медиумот директно го контактирал и му соопштил дека неговото издание ‘Make That Body Move’ се рангирало на првата позиција на нивната топ-листа, додека во 2019 било прогласено за едно од најслушаните изданија од овој вид музика. Вели дека така дознал за листата, а во неколку наврати ја забележал и кај Дејвид Гета и Тиесто, кои ги смета за свои идоли.

„Да се биде дел на оваа престижна листа е неописливо чуство. Мене ми е чест што сум на листата со најдобрите продуценти и најподдржани артисти за електронска музика во светот. Очекував да сум на листата оваа година, да сум искрен, но не очекував да бидам на 69-то место. Откако ја објавија листата, ме контактираа многу агенти и издавачки куќи, меѓу кои и оние за кои отсекогаш сум сонувал“, раскажува Галовски во инервју за „Репортер“. 

На прашањето за љубовта кон музиката и како почнал да се занимава со оваа работа, па и колку добро се живее од тоа во Македонија и дали можеби се занимава со уште нешто дополнително.

„Се заљубив во електронската музика во 2004 откако добив подарок DVD со Tiësto in Concert. Уште како мал бев колекционер на разновидна музика. Веднаш штом го изгледав концертот во мене се роди онаа искрена детска желба и јас еден ден настапу годвам на големи настани како него. Тиесто претставуваше огромна инспирација за мене. Веќе на 4 години почнав да се занимавам со диџејство, додека на 16 почнав и со продукција“, раскажува Галоски.

Тој вели дека се занимава исклучиво само со музика (диџејство и музичка продукција), бидејќи  „ако си ја знаеш работата и имаш визија, дефинитивно можеш да живееш од неа“.

Галоски веќе стекна огромна поддршка од многу светски имиња. Вели: „Имам настапувано речиси со сите најпознати диџеи кои  гостувале во Македонија, но и надвор од неа, на големи фестивали како Ултра мјузик во Сингапур и сл. Имам настапувано низ Европа и Азија, се надевам дека ќе имам можност да настапувам и низ Америка кога ќе се врати светот во нормала од пандемијава.“

За музичкото влијание пак од идолите вели: „Тиесто, човекот поради кој ја започнав приказната со диџејството. Поддршката што ја добивам од него е огромна, така што мислам дека има огромно влијание врз мене и претставува одличен извор на инспирација“, искрен е Галоски.

Но листата „1001 tracklist” не е единствениот успех со кој се стекна Галоски оваа година. Тој беше избран од светски познатиот фестивал за електронска музика Tomorrowland за Артист за месец јули, но поради пандемијата фестивалот беше откажан.

„Со Tomorrowland соработувам од почеток на годинава. Имам огромна поддршка од нив како тим, во моментов преговарам за музичко издание со нивната издавачка куќа. Што се однесува до настапите, се надевам дека ќе можеме да споделиме некоја убава информација во блиска иднина.“

Галоски годинава го објави изданието „Thinking About You“, но тој не застанува овде. Тој ни откри дека веќе спрема неколку изданија за следната година, за кои верува дека ќе бидат едно ниво погоре од досегашните. Вели дека тоа што е еден од најголемите артисти за електронска музика кои некогаш излегле од овој крај од Европа му претставува огромен предизвик и работи напорно да ја задржи таа позиција.

Марија Прличкова

 

Scroll to Top