Милчо Манчевски е номиниран за најдобар режисер, а „Врба“ доби номинација за најдобар меѓународен филм на фестивалот „Рејнденс“ во Лондон, кој е најголем фестивал на независен филм во Велика Британија.
Наградите во осум категории ќе ги додели жирито предводено од оскаровецот Џереми Ајронс. Во секоја категорија се номинирани по три филма, а „Врба“ доби номинации во две категории.
„Рејнденс“ ќе се одржи од 28 октомври до 7 ноември. Ова ќе биде истовремено и британска премиера на „Врба“, филм што го продуцира легендарниот британски продуцент и основач на „Вирџин рекордс“, Ник Пауел. Организаторот на фестивалот го издвојува „Врба“ како еден од хитовите на програмата, а ќе се прикаже во селекцијата „Женски поглед“.