Миркуловски во недела го игра последниот натпревар

Македонскиот ракометар Филип Миркуловски рече дека во недела против Чешка ќе го одигра последниот натпревар во кариерата. Тој сака овој меч да го памети по тоа што ќе ја испрати Македонија на Светско во Полска и Шведска.

Македонија го игра бараж двомечот за пласман на Светско, а за успех ќе биде доволна и минимална победа. Фановите веќе му се заблагодаруваат за сè што направи за Македонија.

„Неговото име со златни букви ќе биде запишано во историјата на македонскиот ракомет. Емоција, страст, љубов кон Македонија. Тоа е Филип Миркуловски. Кога татковината повикува, повикот не се одбива, е тезата со која Филип се водеше низ репрезентативната кариера. Македонија е благодарна за секоја поставена глава и таму каде некој не става ни нога, за сите претрпени удари и изнудени исклучувања. Тој беше елегантен и креативен во нападот и секогаш покажуваше како се гине во одбраната. Секогаш ќе му бидеме благодарни на играч кој беше подготвен да јаде ќотек само за Македонија да има позитивен резутлат. Можеме да бидеме среќни што играч со таков жар ќе биде во стручниот штаб и ќе им всади на играчите како се гине за Македонија. Борис Трајковски треба громогласно да го скандира името на Миркуловски. Последниот ракометен репрезентативен танц нека биде со пласман на Светско“, му порачаа фановите на Миркуловски.

Scroll to Top