„Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“ со Дино и Дијана Имери

По блескавите концерти во Лондон, Тбилиси, Загреб и во Ленгерих, нашите реномирани уметници, пијанистот Дино Имери и маестро Дијана Имери-Илкоска ќе приредат вистинско музичко доживување и во Скопје. На 4 декември (понеделник) во Камерната сала на Филхармонијата во 20 часот ќе одржат концерт со наслов „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“, на кој Дино Имери ќе се претстави како солист на пијано, а под диригентската палка на маестро Дијана Имери-Илкоска ќе настапи и Камерниот оркестар ID, составен од реномирани музичари.

Како што кажува и самиот наслов, на програмата се дела од еден од највозбудливите романтичари и револуционери во историјата на музиката – Фредерик Шопен: Балада бр. 1 оп. 23 во g-moll, Прелудиум оп. 28 бр. 4 и бр. 8, Валцер оп. 64 бр. 2 во cis-moll, Валцер оп. 64 бр. 1 „Минутен“, „Херојска полонеза“ оп. 53 во As-dur, како и фантастичниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2. во f-moll.

Со овој концерт, „волшебникот на пијаното“ (Magazine, OPS) и „диригентката што може да ги оствари сите свои диригентски креации и замисли“ (маестро Лајовиц), Дино Имери и Дијана Имери-Илкоска, ќе ги спојат силите заедно со Камерниот оркестар ID и ќе ја заокружат концертната година на еден мошне уникатен начин.

Воедно, концертот пригодно ќе го одбележи големиот јубилеј – 30 години од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу РС Македонија и Република Полска, а настанот е поддржан од Министерството за култура и од Амбасадата на Полска.

Билетите се достапни на сервисот мktickets.mk и нивните продажни места.

Текстот „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“ со Дино и Дијана Имери е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top