Наум Петрески ќе одржи три концерти за да прослави 35 години кариера

Македонскиот фолк-пејач Наум Петрески во август ќе одржи три концерти во Скопје, Битола и Охрид и ќе го одбележи 35-годишниот јубилеј на сцената. На концертите наречени „Најдоброто од Наум“ тој ќе ги испее неговите најпознати хитови.

„Ова е фантастична можност илјадниците фанови на Наум заедно со него на сцена, во живо да ги запеат сега веќе легендарните хитови ‘Има ли песна’, ‘Жал за Деспина’, ‘Оди ѕвездо’, а гости на неговиот јубилеј ќе бидат многу пријатели од естрадата, пејачи, актери. Овој проект има вистинска вредност и уметничка тежина кои се од големо значење за одржување на македонската народна музика“, велат организаторите на концертите, „Аворд продукција“.

Концертот во Битола е закажан за 4 август на Хераклеа во Битола, а во Охрид на 11 август на сцената на Долни Сарај. Организаторите велат дека деталите за концертот во Скопје ќе ги соопштат дополнително.

Scroll to Top