Пејачката Антониа Гиговска за два месеца ослабе 16 кила. Вели, со многу упорност, вежбање и со нов начин на исхрана, успела да дојде до целта. Сега, иако се чувствува одлично, во разговорот ни призна дека често помислува на омилената храна што ја исфрлила од менито. Нејзината одлука да слабее изненади многумина, бидејќи до пред неколку месеци таа велеше дека е задоволна од својот изглед и си го сака телото какво што е, дури и со неколку кила плус.
„И сега стојам зад кажаното, дека секоја дама треба да се сака себеси каква што е. Јас во ниеден момент не излажав, навистина го сакав моето тело такво во тој период, затоа што бев среќна. Дури и сега на девојките пак им го кажувам истото – да се сакаат себеси какви што се и да го прават само она што чувствуваат дека треба да се направи. Немаше посебен момент кога решив дека треба да ослабам. Седев дома и сфатив дека сакам да направам нешто со себе. Многу работи ми се случија оваа година и ме променија како личност, па можеби затоа сфатив дека времето е сега и дека тоа што ќе го направам ќе биде само за мене“, раскажа Антониа за „Репортер“.
Големо влијание врз нејзината одлука да почне да слабее е и познаството со Клаудија Адеми, која до сега им помогнала на пејачките Ана Бекута и Инди да ослабат. Клаудија е светски познат бодикоуч, живее во Шпанија и работи со многу ѕвезди во соседството.
„Се запознавме случајно, нè спои заеднички пријател кога таа беше во Скопје пред неколку месеци. Ме гушна како да сум ѝ ќерка, а муабетот со неа беше многу пријатен. Изгледа строго, но е прекрасна жена. Од тој момент знаев дека ќе го извади најдоброто од мене. Секој почеток е тежок, но ако го имаш вистинскиот човек до тебе, сè е полесно. Ми помага и околу вежбите, нон-стоп сме онлајн и комуницираме. Заради неа, во ниеден момент не помислив да се откажам, иако кога станува збор за слабеењето секогаш претходно сум се откажувала“, вели Антониа.
Призна дека на почетокот ѝ било многу тешко, затоа што е љубител на храната. Но, од почетокот била упорна и си готвела сама, пешачела секое утро и била посветена на тоа да ослабе.
„И сега кога не можам да отидам во вежбалница, пешачам, а кога немам доволно време, ми готви мајка ми. Почнав да се придржувам до режим на исхрана што ми го препорача Клаудија, со многу овошје и зеленчук. Сè што сакав многу да јадам исфрлив, некои работи ги намалив количински. Се навикнав да јадам повеќе пати на ден, по помалку, со три часа растојание од секој оброк. Признавам, најмногу ми фалат тестенините со сос и понекогаш кашкавал, но да не зборувам за тоа, ми се пријадува“, вели на шега Антониа.
Ни призна и дека сè уште не ја постигнала килажата што ја посакува, но дека нема да се откаже. Истото им го порачува и на девојките кои сакаат да ослабат.
„Верувам во себе и сакам сè што ќе почнам да го завршам. Дополнителен мотив ми се и албумот и новите песни на коишто работам. А ако ме прашаш за совет за девојките што сакаат да ослабат, знам колку е тешко, посебно на почетокот, па пред да почнат, нека затворат очи и нека се видат какви навистина сакаат да бидат. Нека не се откажуваат. Нека го извадат најдоброто и најубавото од нив“.
А. Јовановска