Нема свадби-нема пари : Свадбарите побараа помош од Владата, трка за 14.500!

„Бидејќи на нас никој не помисли, да ве потсетиме дека постоиме. Сите ние музичари, кои своите приходи ги обезбедуваме од музички ангажмани на веселби, собири и разни други манифестации, секој на свој начин ги подмируваме обврските кон државата ( придонеси,даноци ,итн ), но сега сме во една незавидна ситуација ,кога не можеме на своите семејства да им обезбедиме егзистенција и не ни е баш јасно зошто е тоа така“. Ова е дел од она што е напишано во отвореното писмо до Владата на 20 тина пејачи и пејачки, кои, како што самите пишуваат, нема свадби и затоа немаат ни пари. Понатанму во писмото се вели :

„Веројатно сега многумина од вас ќе не нападнете и ќе речете како не ни е јасно? Пандемија владее , вирус со смртни последици! Почитувани , да ни објасните како тоа вирусот е смртоносен за 200-300 гости на свадба ,а не е опасен за 200-300 вработени во некоја фирма? Или селективо функционира вирусов, ако работите не ве напаѓа, а ако се веселите, еее тоа е друга приказна ,тогаш е многу многу опасен.  Немојте со обајсување дека работниците во фирмите се заштитени со маски , работат на растојание од 2 метри. Немојте ,затоа што добро знаеме сите дека не е така . Што со нас ??? Како да преживееме ?“, пишува во барањето, кое е обкавено и на официјалната страна на Здружението на естрадни уметници на Фејсбук.

Во музичките кругови се вели  дека слушале за вакво барање, но дека, според содржината, ова не е тоа барање кое Здружението на естрадни уметници официјално го испратило  до Владата, но дека и тие во нивното барање упатиле апел за помош на естрадните уметници.

Портпаролот на Владата, пак, вели дека вакво писмо за обесштетување од свадби не било стасано до нив, но дека секојдневно таму стасувале секакви барања. Тој за Репортер.мк рече дека финансиска поддршка и исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето-износ од 14.500 денари, ќе добијат сите кои ги  исполнуваат критериумите за користење.

-Владата на седница донесе уредба за финансиска поддршка на естрадните уметници, а за исполнување на критериумите за користење на оваа финансиската поддршка ќе одлучува посебна комисија во која ќе членуваат истакнати естрадни уметници, објаснуваат од Влада.

По ова останува прашањето кој се треба или  ќе добие по 14.500 денари помош. Меѓу пејачите веќе почна да се зборува за тоа кои се вистински естрадни уметници, а кои се свадбарски пејачи. Некои досега се откажаа од тие 14.500 денари, во корист на сиромашната категорија граѓани, кои во време на пандемијата останаа без никакви приходи. Други пак, пак, повикувајки се на општата состојба во државава, се согласија на овој паричен надоместок. Останува деновиве да се види како тоа Владата и Здружението на естрадните уметници ќе ги распределат финасиските средства и кој ќе биде во комисијата , која треба да каже кој ќе биде критериумот по кој ќе се  распределува помошта.

Колку за потсетување, во Србија и Хрватска големите ѕвезди се откажаа од државна помош во корист на сиромашните граѓани. Таква помош одбија Северина, Аца Лукас, Неда Украден, Цеца и многу други. Кај нас засега Јордан Митев јавно кажа дека му требаат тие пари, во име на сите оние кои навистина немаат финансии за најосновните работи.

Александра Георгиев 

Scroll to Top