Никола Ристановски ja доби наградата за најдобар глумец на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Глумецот Никола Ристановски ја доби наградата за најдобар актер на 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Тој ја доби наградата за претставата „Народен непријател“ на МНТ, која беше избрана и за најдобра претстава на фестивалот. Бедија Беговска од турскиот театар е најдобра глумица, а наградата ја доби за улогата во претставата „Вишновата градина“.

Реномираниот театарски фестивал беше затворен вчеравечер со изведбата на претставата „Боливуд“ на театар Комедија. Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески, претходно им ги додели признанијата на најдобрите.

Кендрим Ријани ја доби наградата за најдобра режија за претставата на битолскиот театар „Артуро Уи“. Тој кажа дека оваа му е прва претстава што ја режира на македонски јазик, а наградата ја посвети на целиот ансамбл.

Нина Николиќ, пак, режисерката на претставата „Народен непријател“, освен што ја прими наградата за најдобра претстава, се заблагодари на публиката и на жирито во името на Ристановски, и кажа дека глумецот од оправдани причини не можел да дојде на Прилеп.  „Народен непријател“ ги доби и наградите за сценографија на Вишња Вујовиќ и за рекламен материјал на Димитар Димитров.

 

Scroll to Top