Со мотото „Петочно дружење на растојание со ѕвездите на домашната музичка сцена“, „Интермецо бар“ овој петок (10 јули) организира анплагд-концерт на „Нокаут“ од 20 часот. Ова ќе биде втората свирка од серијалот забави на дистанца откако минатата недела Тамара Тодевска направи одлична журка.
„Нашата цел е да ги поддржиме изведувачите во овие тешки времиња и по неколкумесечната пауза поради корона-кризата“, велат организаторите.
Тие додаваат дека најавениот анплагд-концерт на Пере и „Нокаут“ ќе биде организиран според сите пропишани правила и протоколи, со целосно применување на препораките на Министерството за здравство, со соодветна физичка дистанца меѓу гостите.
Билетите за концертот на „Нокаут“ се пуштени во продажба и чинат 500 денари. Организаторите најавуваат уште многу интересни концерти и настапи во текот на летото.