Откако Нора Шаќири-Марковиќ денеска беше сменета од функцијата в.д. директор на Театар Комедија, таа вели дека нејзиното разрешување е незаконско. Нора на Фејсбук напиша дека е разрешена по анонимна пријава за мобинг, која против неа ја поднел еден од еден од вработените во Театарот. За него, Нора пред некое време почнала дисциплинска постапка.
„Почитувани другари, имам обврска пред себе и пред вас да ви образложам под какви околности денеска сум разрешена. Никој не е роден директор, не сум ни јас, но, не е секој спремен да влезе во кал, а од тоа да нема лична корист. Јас бев спремна и Театар Комедија се издигна над сите црни облаци кои го надвасаа. Ќе бидам кратка и јасна: Како директор поведов дисциплинска постапка за вработен кој без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор замина на патување и истото го поткрепи со фотографии и за истото се изјасни пред комисијата која го донесе решението за дисциплинска казна дека е виновен и казната ја прифати. По анонимна пријава за мобинг пратена до заменик претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, министерот Љупчо Николовски, во театарот дојде вонреден инспекциски надзор“, вели Нора.
Поранешната в.д директорка потоа објаснува дека Државниот инспекторат за труд направил записник, во кој вели дека предметот ќе биде испратен до Државна комисија за спречување корупцијата (ДКСК) како надлежен орган, но дека до денес таа не добила никаков записник за мобинг. Затоа смета дека решението за нејзино разрешување е неосновано.
„До овој момент ни до театарот не е стигната никаква пријава за мобинг врз некој вработен. Она што е моја гордост е тоа дека работев согласно законот, дека ја имам безрезервната поддршка од сите мои колеги. Се изборив театарот да се врати во полн сјај без долгови, со три нови претстави, со прекрасен репертоар и неколку фестивали од кои два во продукција на театарот. Намерата е јасна, делата зборуваат за сите нас. Горда сум на се до сега направено, горда сум на тоа дека конечно во Театарот се врати комуникацијата, разбирањето и почитта меѓу вработените. Судете сами дали недоаѓањето на работно место е казниво за раководното лице или за лицето кое не се појавува на работното место без образложение“, напиша Нора и се заблагодари за поддршката кај колегите.
За потсетување, по нејзиното разрешување, на местото в.д директор Министерството за култура ја назначи глумицата Магдалена Ризов – Черних. Вработените во театарот, по оваа одлука, побараа на местото на Нора да дојде драматургот Дарко Спасов и најавија бунт ако не се исполнат нивните барања.