Од актер аматер до стендап-комичар за ББС: Приказната на кумановецот Владислав Илиќ

Стендап-комедијата станува сè поприсутна, a бројот на комичари е сè поголем. Еден од нив е и младиот кумановец Владислав Илиќ, кој моментално живее во Лондон.

Овие денови тој го имаше својот прв настап на телевизија, како дел од серијата Stand Up For Live Comedy, која е проект на Би-би-си 3. Настапот ќе биде достапен на платформата Би-би-си ај-плејер низ Обединетото Кралство во текот на целата година, а ќе биде емитуван и на Би-би-си еден – најгледаниот канал во Англија.

Продукцијата „Златен заб“ во мај годинава  овозможи  директен пренос во живо од неговото гостување од Лондон на една од нашите национални телевизии. па така македонската јавност имаше можност да се запознае со него.

„Детна кога снимавме сите седишта беа распродадени, а самиот настап имаше свечен амбиент. Иако бев на сцената речиси дваесет минути, за мене тоа беше како една голема секунда. Верувам дека настапот помина добро и подоцнежните реакции беа доста позитивни. Ваков момент сонував уште многу одамна и не очекував дека вака набрзина ќе се случат работите – искрено сум им благодарен на сите дома и тука што ме поддржуваа во овој период, а се надевам дека ќе имам шанса да одржам каква-таква турнеја во Македонија кога ќе се подобрат околностите“, раскажува Илиќ за Репортер.

Почнал како актер аматер во драмските кругови во Куманово, но вистинската љубов кон стендап-комедијата ја развива на Малта. На почетокот на 2018 заминува во Лондон со намера да стане професионален комичар. Кон крајот на следната година го забележале поголемите клупски промотери, ТВ-продукции и талент-агенции. Досега има освоено бројни награди, меѓу кои и наградата „Комичар на годината“ во Пикадили комеди клуб.

„Стендап-сцената во Лондон е огромна, работите се менуваат брзо и дисциплината и работливоста се најголемите фактори во успехот во ова поле. Талентот самиот по себе е само десет проценти од севкупниот труд. Сретнав многу талентирани луѓе кои никогаш не стигнаа никаде поради тоа што не продолжија да вложуваат во себе”, раскажува за “Репортер“.

Покрај Влад Илиќ, како што е познат по уметничкото име таму, учествуваат и Прија Хол и Џони Пелам, а шоуто го води познатата ТВ-презентерка Кири Причард – Меклин.

„Сè на сè – од Би-би-си бараа да имаме спремно петнаесетина минути материјал, од кои за на телевизија најмногу би одвоиле седум минути“, вели тој додавајќи дека материјалот што го подготвил за настапот поминал низ неколку раце – продукцискиот, адвокатскиот и едиторскиот тим на Би-би-си.

Тој верува дека неговиот материјал е пријатен за пошироката публика и е задоволен што му дозволиле да настапува со оригиналниот текст, со само неколку мали измени.

Во иднина, Илиќ заедно со продукцијата „Златен заб“ ќе има онлајн стендап-настап за македонската публика.

 

Scroll to Top