Од срам не сакав да го објавам видеото кое го снимав во 20 верзии: Интервју со Теона Сима, скопјанката која презентираше вести на 8 јазици

Дваесетгодишната студентка Теона Сима, за кратко време стана позната во јавноста, откако сними откачени видеа на Инстаграм и ТикТок. Особено последното на кое чита вести на осум јазици, предизвика лавина коментари по социјалните мрежи затоа која е девојката која со само 16 постови на Инстаграм доби повеќе од 200.000 следбеници, а на ТикТок над 119.000. Која е Теона Сима или на Инстаграм позната како позната@thelanguageblondie

За себе вели дека е девојка од Скопје која е трета година на Американскиот Универзитет во Бугарија, каде студира новинарство и психологија. Член е на клубот АУБГ Олимпикс каде што е водител на спортските настани и натпревари кои ги организираат на факултет и е водител на поткаст во кој им прави интервјуа на своите професори наречен „Office Hours.“

*Што друго не знаеме за тебе?

Обожавам да спортувам, играм тенис, кошарка, одбојка, фудбал, пливам, трчам … Обожавам и да читам книги, да поминувам време со семејството и да учам странски јазици.

* Како дојде до идеа да го снимиш последното видео на кое на 8 јазици презентираш вести?

– Отсекогаш ми било најзабавно да зборувам со „глас за на вести“ и одамна имав ставено слично видео на „close friends“ на Инстаграм. Сега само решив да снимам верзија која ќе ја споделам со сите.

*Навистина зборуваш осум јазици?

– Да. Некои ги владеам повеќе, некои помалку, ама би рекла дека увото ми е навикнато на осум.

* Колку време ти требаше да го направиш тоа без грешка?

-Сите делови освен тој со имитацијата на Гркинката ги снимив по еднаш, максимум два пати, а со Гркинката се измачив и снимав најверојатно 20 верзии. Дваесет верзии за на крај да си речам „ова нема шанси да го постирам, срам ми е.“ Ама сестра ми ме подбра и ме натера да го вклучам откако ме снимаше цел час.

* Кога јавноста првпат дозна за тебе?

-После видеото „Македонски со различни акценти“ кога почнаа многу луѓе да го споделуваат на Инстаграм и кога го споделија и познатите македонски портали. Ви благодарам на сите.

*Очекуваше ли?

Не. Некаде одамна прочитав дека првите 100 видеа што ќе ги постираш на социјални мрежи нема да имаат многу прегледи и тоа е нормално. Затоа брзав да ставам што е можно повеќе, воопшто не обрнував внимание на квалитетот и целта ми беше само да не ме отследат тие 400 следбеници што ги имав. Да знаев дека видеата ќе привлечат вакво внимание многу повеќе ќе се трудев, ама во секој случај сум многу среќна и многу благодарна.

*Колку следбеници имаш на Инстаграм?

-Имам 232.000 следбеници само после 17 постови.

*Дали можеби со овие видеа кој ги презентираш се наоѓаш себе си во актерството или стендап комедија ?

-Не. Не сум воопшто добра актерка, само можам добро да имитирам. Имитацијата е клучна за зборување странски јазици, па најверојатно тоа ми помага.

*Ти годи ли популарноста, а од коментарите кој можев да ги прочитам имаше и такви: супер, конечно да видиме нешто убаво без голотија ?

-Ми годат прекрасните луѓе чии пораки и коментари ми го разубавуваат денот. Ми годи тоа што добивам многу љубов и сакам да ја возвратам на сите. А за популарноста … Збунета сум. Уште не сум свесна што значат овие бројки и уште не ми е нејасно дека „сум популарна“. И не сакам да мислам на тоа бидејќи не ми е важно. Важно ми е само да почнам да ставам поквалитетни видеа, да продолжам да ширам позитивна енергија и да давам уште повеќе корисни совети на сите што ме следат.

 

*Што е следно што ќе го видиме од тебе?

-Имитација на сите ликови од „Преспав“, имитации и на други јазици, многу совети, многу споредби меѓу различни јазици, многу видеа кои го подучуваат секој јазик посебно … Ова е само почетокот!

Александра Георгиев 

Scroll to Top