Од „Тавче гравче“ преку петте минути до возењето со автобус – Вучиќ знаеше како да ѝ биде интересен на јавноста

Драган Вучиќ е роден во Скопје во 1955 година. Академски музичар, врвен инструменталист, басист, водител, кој талентот за музика го наследи од неговиот татко, некогаш познат хармоникаш.

Искуството Вучиќ го стекнува свирејќи низ многу групи во младоста, низ безброј локали и кафеани, кога ја запозна и својата сопруга, Весна, ќерка на прочуениот македонски гајдаџија Пеце Атанасовски.

Вучиќ професионално ѝ се посвети  на фолк-музиката, иако забавната никогаш не ја напушти. Кон крајот на 80-тите јавната музичка кариера на Драган Вучиќ ја започна во групата „Тавче гравче“ каде беше басист и придружен вокал на Смиља Митревска, со кои изддаде плоча со најпозната песна „Ако имаш срце“.

Во почетокот на 90-тите години Вучиќ стана член на тогаш популарна македонска фолк-група „Кода“, каде исто така свиреше бас-гитара, но беше и вокал. Нивниот хит „Ника Марика“ ќе стане вонвременски.

По распадот на групата, во 90-тите, тој почна солистичката кариера, а почна да работи и како водител.

Музичкото талент-шоу кое Македонија го имаше беше „Вашите 5 минути“ за кое и денес се зборува.

Во меѓувреме, Вучиќ нникогаш не ја остави музиката. Ги компонираше некои од најголемите македонски хитови, песни што останаа евергрини, како макфестовската победничка песна испеана од Олгица Христовска во 1992 година, „Свирете ја Зајди, зајди“, потоа исто така легендарната макфестовска тема „Ангели ме носат“ испеана од „Силви бенд“.

Или, пак, евровизиската „Ти си сон“ (Make my day), која ја напиша за својот син Мартин Вучиќ, со која тој ја претставуваше Македонија на Евросонг 2005 година.

„Вашите 5 минути“, преку „Знаеш, не знаеш – добиваш“, „Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“, па до последната – „Гурмански муабети“ ќе останат трајно запаметени, каде тој беше и автор и водител.

 

Scroll to Top