Охриѓанката Мартина со гитара го освојува светот: популарните „Џемирокваи“ ја знаат мојата музика и беа претпалетени на мојот Јутјуб 

Гитаристката Мартина Блажеска (21) од Охрид, е талентирана девојка која со гитарата го освојува светот. За неа пишуваат и светските медиуми, а нејзината музика добро ја познава и англискиот бенд „Џемирокваи“.

Мартина Охрид го замени со Бостон. Заврши на Беркли Колеџот за Музика и многу млада почна да ги остварува нејзините соништа.

„Тргнав по тој пат уште како тинејџер, живеев многу динамичен живот за свои години и пред сè чувствувам благодарност и задоволство што имав можност да го доживеам сето тоа. Иако таквиот живот носи и многу пожртвуваност. Дефинитивно материјал за една убава автобиографија еден ден“, вели Мартина за Репортер.

Блажеска македонската јавност ја запозна пред неколку години кога направи кавер на песна на „Џамирокваи“, оттогаш па се до денес таа исполнила многу од своите соништа.

„„Џемирокваи“ знаат за мојата музика, со оглед на тоа што јас бев единствениот Јутјуб канал на кои беа претплатени цели неколку години после тоа. А во контакт останав со нивниот поранешен басист Стуарт Зендер“, вели младата гитаристка.

Во новата средина од заедницата на Беркли и во Бостон била прифатена од прв ден, а студентите и професорите направила да се чувствува како дома.

„Тоа беше дом за сите мои мисли, идеи и чувства. Таа средина направи да почувствувам што значи да имам мое место во светот, место за она што сум јас вистински. Набргу можев да отворам проспекти за мојот музички пат и се споив со многу луѓе кои во голем дел ми се пријатели со кои сум во контакт ден денес а и знам дека ќе бидам засекогаш“, раскажа Мартина за нејзиниот нов животен предизвик.

Во Бостон вели секое ќоше е место што остава огромен впечаток и топло го препорачува на сите кои имаат можност да патуваат низ САД.

„Јас сум вљубена во Бек Беи каде што и живеев. Најлесен начин до 10.000 чекори е со прошетка на „Њубари стрит“ и „Боилстон стрит“. Поминував многу време и во „Бостон Комон“ и „Паблик гарден“, преубави локации за релаксирање и инспирација. Исто така знаев често да се „изгубам“ низ Мјузиам оф фајн Артс и кампусот на Харвард и МИТ“, раскажа гитаристката за омилените места во Бостон.

После пет години од заминувањето во Бостон, Мартина Блажеска ја имаше и првата соло турнеја во 7 градови во Германија.

„Мојата прва турнеја во 2018 беше „clinic“ турнејата организирана од Ибанез во форма на мастерчас настапи низ поголемите музички продажни центри во Германија. Тоа се случи спонтано бидејќи многу од моите професионални контакти се лоцирани токму таму. Интересно искуство низ коешто имав можност за прв пат да настапувам во живо на подолг период и да ја запознаам Германија“, рече Мартина.

Таа свири на гитара, пее, создава музика, пишува текстови, а најчеста инспирација и се настани кои и се случуваат во животот, музиката на артисти што сака, музички вежби што ги учи на гитара и различни форми на уметност како фотографија, дизајн и мода.

„Песните најчесто настануваат дома кога свирам гитара на мојата работна масичка, а понекогаш и во студио кога имам креативна сесија“, вели гитаристката Блажеска.

„World on a String“ е нејзиниот прв албум со 5 композиции и сите авторски. Албумот за неа бил една голема лекција за тоа како се снима. Како изгледа еден креативен процес, снимање во професионални околности и соработка со други музичари. Нејзината музика ја категоризира како поп со влијание на инди, рок и американски фолк.

Во моментов таа работи на нова оригинална музика и на неколку проекти со музичките компании со коишто соработува.

„На пролет ќе ја имам мојата прва турнеја како предгрупа на MM Session Band. Бендот е составен од група музичари кои станаа популарни со кавери на Јутјуб, слично како и јас. Ќе настапуваат со нивните популарни изведби кои моментално достигнаа преку 120 милиони прегледи. Оваа прва турнеја ќе биде со 5 концерти во Берлин, Келн, Утрехт и Ашафенбург а во план е уште една поголема турнеја на есен“, раскажа Мартина.

Мартина во Македонија имаше соработка со Дуке Бојаџиев, како и со Леа Тахири. За нови соработки со македонски изведувачи во иднина, таа со задоволство би соработувала со браќата Тавитјан и Каролина Гочева.

Иако е далеку од Македонија, во тек е со сè што се случува на македонската музичка сцена. Па така периодов вели дека преслушува песни изведени на Скопскиот Фестивал и Макфест од 80-та до 90-та година.

Кога е во Охрид поминувам повеќе време со семејството, најчесто проследено со многу македонска храна. А во Охрид најчесто прошетки прави низ стариот дел на градот, Канео, покрај езеро или во „Џез ин“.

Во слободно време пешачи во природа, излегува низ локални кафулиња соријате плите, чита книги, готви и присуствува на музички настани.

Габриела Додевска

 

Scroll to Top