Отсекогаш сакав да имам ќерка – Александар Белов зборува за татковството

Пејачот Александар Белов пред речиси една година ја доби ќерката Мина. Неговата сопруга Јелена се породи лани на 13 јануари во моментот кога Александар со својот бенд пеел во ресторан во Крагуевац. И денес со многу емоции се сеќава на моментот кога дознал дека е татко. Вели, не можел да се соземе од среќа и не знаел како да реагира, па престанал да пее и среде песна на сите гости во ресторанот им кажал дека добил ќерка.

„Една година со Мина помина многу бргу. Ние веќе се спремаме за нејзиниот прв роденден и за забавата во игротека со многу деца и музика. Се сеќавам, кога ја видов толку мала, ми беше страв да ја земам в раце да не ја повредам, а денес е веќе мал човек што сака сè да истражи, допре, да комуницира со нас. Татковството е најубавата работа што може да ја доживее еден маж и не може да се опише со зборови“, раскажа Александар за „Репортер“.

Вели, од моментот кога станал татко, ништо не му е тешко, па кога ќерката ќе му се насмее, заборава дека е ненаспан или изморен. Но, призна дека многу мака им задал изборот на името.

„Кога се роди Мина, сите зборуваа ‘еве го малиот Александар’, ама сега мислењата се поделени. Некој вика нека личи на мене, некој дека е на Јелена, па, најверојатно, таа личи и на двајцата. Знаеш, јас потајно многу сакав да имам ќерка и бев пресреќен кога се роди девојче. Уште пред да дознаеме кој пол ќе биде бебето, со Јелена гласно размислуваме за име. Баравме некое што ќе биде кратко и ќе се вклопи со презимето. На крајот го избравме Мина зашто е ретко, а не се повторува ни една буква во целото име и презиме – Мина Белов, што ни беше исто интересно. Па кога ќе почне да зборува, многу лесно ќе може да го изговара“, вели тој.

Александар последните неколку години живее во Крагуевац. Освен што има свој бенд, со кој настапува неколкупати во неделата, од неодамна работи и на радио, па затоа поминува помалку време со ќерка си од она што сака. Но, вели дека кога е дома, постојано е покрај семејството и ѝ помага на Јелена.

„Сакам да сум со нив и да гледам како моето дете расте. Немаме посебни ритуали со Мина, сè зависи од денот. Бидејќи е зима, повеќе сме дома, ама во текот на летото често ја носев во парк, се шетавме надвор. Заедно ја китевме и елката и Мина се радуваше, иако реално не знае што правевме. Во последно време сака домашни животни. Па, кога во нашата улица се појави мачка, која ние си ја крстивме Шаренко, секое сабајле и секој ден пред спиење одиме да ја поздравиме“, вели Белов.

Тој раскажа и дека со Мина гледаат цртани, ама повеќе сакаат да слушаат музика.

„Глупаво е уште од сега да кажам дека ќе има талент за пеење на мене, ама таа сака музика и постојано има нов хит. До сега смени десетина омилени песни што сака да ги слуша. Ѝ пеам постојано и приспивни песни и на македонски и на српски, а најмногу ‘Во светот на бајките’, која и мене ми е омилена до ден-денес. Од неодамна разгледуваме и книги, па таа сега распознава овошје, животни, предмети. Како бебе беше мирна, спиеше многу, ама сега сè ѝ е интересно, па гледа околу неа, слуша, не сака да заспие. Љубопитна е, сака сè да допре, да дознае, а она што ѝ се допаѓа сака да го повтори. Како расте, така станува поинтересна“, вели пејачот. И додава: „Не е многу слободна, не се пушта сама да оди кај луѓе што не ги познава. Ако некој се обиде да ја земе в раце што не ѝ е познат, плаче. Мора да ја придобиеш. Но, од неодамна има интересна особина, па ако не ја забележуваш, сама се обидува да ти се наметне да ја видиш“, ни раскажа Александар за татковството.

Андријана Јовановска

 

Scroll to Top