Ова е признание за сите мајки што се борат за своите децата со попреченост: Ребека меѓу наградените на „Жена на годината“

Ребека Јанковска-Ристески е една од наградените жени на изборот „Жена на годината“ кој се одржа во Музејот на македонската борба. Како една од најгласните за правата на децата со попреченост таа ја доби наградата „Жена со посебен придонес во општеството“.

Целта на овој избор е да се оддаде признание на дамите кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати во годината што одминува.

„За првпат во Македонија добивам признание за тоа што го работам веќе долги години. Знаете ова признание е признание за сите борци со кои јас секојдневно комуницирам. Тоа се не само жени, туку и татковци, иако претежно се мајки, кои секојдневно се соочуваат со многу предизвици. Борбата не е само нивна лична, борбата е на целото семејство, борбата е со општеството, борбата е во средините каде што живеат, на секој чекор. Која врата и да ја отворат наидуваат на пречка“, вели Ребека и додава: “Секогаш излегувам, зборувам гласно, давам интервјуа, излегувам на протести, меѓутоа верувајте дека очајот меѓу децата и родителите на деца со попреченост е огромен, а најголемиот проблем е во реализацијата на проектите. Некои од овие деца не можат да бидат гласни, некои од нив не зборуваат, некои не можат да гледаат. Ова признание е признание на сите мајки. Би сакала ова признание да биде признание за целото наше општество, да биде признание со кое ние ќе се гордееме и работите да тргнат на подобро.“

Scroll to Top