Најдобриот македонски фудбалер, Горан Пандев, во најновата емисија на Арена Спорт, „(Не)успех првака“, заедно со Хрватот Марио Станиќ како водител, разговараа за актуелни теми поврзани со случувањата во македонскиот фудбал. Пандев со поранешниот играч на Челзи, зборуваше за состојбите во ФФМ и лошото менаџирање и слабата организација во федерацијата.
Пандев е познат критиките кои ги упатува кон раководните луѓе во Македонската фудбалска федерација. Рече и дека се обидел да разговара со првиот човек, Мухамед Сејдини, но не наишол на разбирање.
„Односите се катастрофално лоши. Јас и пред Европското првенство кажував што мислам за ФФМ, дека организацијата е катастрофа. Ние отидовме на ЕП со стари дресови десет години. Од Италија ми бараа дресови, не знаев што да им кажам. Маркетингот е ужас. Мислев со пласманот ќе се сменат многу работи, дека ќе се инвестира во развој, ама ништо. Сѐ за лични интереси. Во Прва лига се откажува клуб пред почеток на сезона. Како да зборувам со човек кој не разбира фудбал? Едноставно не разбира. Никако не ми е сфатливо, никој од легендите како Митко Стојковски, Дарко Панчев, Милко и Бошко Ѓуровски, Чеде Јаневскии, ама баш никој да не е во ФФМ“, рече Пандев.
За потсетување, поранешниот капитен направи пауза од репрезентацијата во периодот меѓу 2014 и 2016 година, поради лошата организација и менаџирање со фудбалерите, работи кои беа јавна тајна.
„Јас плачев за Македонија, а гледав што сè се случува. Гледаш менаџери работат, нешто што никогаш не можев да прифатам, дека мора некој да игра за да биде продаден. Како може тоа да го гарантираш. Десет пати зборував со претседателот, да играат најдобрите, ама сè беше хаос. Тотална катастрофа, ништо не функционираше, секој циклус нов селектор, а во еден циклус играа 50 фудбалери. Ние Италија ли сме? Mи велеа ти само одработи го своето. Но, не можев и тоа откажување ми беше најтешката одлука во животот“.
Поранешниот фудбалер на Лацио кој ја однесе Македонија на Европско, по настапите за репрезентацијата рече дека исцрпен се враќал во италијанскиот клуб, бидејќи менувал и по четири летови.
„После се сменија некои работи, прв Љубинко Друловиќ ме бараше да се вратам, но не бев подготвен, а потоа по разговорот со Игор Ангеловски се вратив. Се вратив зашто почнаа да ги почитуваат репрезентативците, зашто претходно менувавме по четири авиони. Едноставно мора да се почитуваат играчите, па почнавме да одиме со чартери. Јас претходно не можев по четири дена да се соземам, додека играв во Лацио, Делио Роси ми велеше: Ти после настап за Македонија, цел месец не можеш да дојдеш при себе“.
Пандев открива дека бил спремен да остане цела кариера во Лацио, доколку не се случеле проблемите со Лотито. Зборуваше и за како било кога играл во Интер и соработувал со големиот тренер Жозе Мурињо.