Пандев: Секаде ме сакаат бидејќи секогаш давав сè од себе, пред мечот со Барселона не спиев две ноќи

Горан Пандев пред синоќешниот меч меѓу Интер и Милан во Лига шампиони даде интервју за италијанските медиуми, во кое се наврати на спомените од 2010 година, кога стана шампион на Европа.

Со Жозе Мурињо како тренер на Интер, Пандев пред 13 години стигна до титулата, а за „Скај Италија“ се потсети на моментите пред полуфиналниот натпревар со Барселона.

„Последните две ноќи пред тоа полуфинале со Барселона не спиев и после само пет минути на мечот, сѐ беше нормално. Мислам дека денес овој Интер има искусни играчи кои се физички добри. Интер е силен, но не се споредува овој со тој во 2010 година. Тогаш Ето можеше сам да ви донесе победа. Симоне е променет, минавме пет години во Лацио, тој знае што е страдање. Имаше потешкотии, но во финалето мислам дека ќе направи извонредна работа. На крај се надевам и дека ќе ја освои европската титула, Интер заслужува такво нешто“, рече Пандев.

Поранешниот капитен на Македонија одново е во фокусот на италијанската јавност. Тој е миленик не само во Македонија, туку и во Италија, а тоа се покажа така и по неговата последна посета на „Џузепе Меаца“ во Милано и „Мараси“ во Џенова,

„Секаде ме сакаат и ми аплаудираат? Тоа е зашто секаде каде што играв, се трудев и давав сѐ од себе за дресот кој го носев. Нормално е некогаш да успевате, некогаш не, но секогаш јас се обидував да го дадам најдоброто од себе. И на теренот секогаш давав сѐ. Имам многу убави сеќавања за дерби натпреварите. Секако најубавото ми е кога дадов гол од слободен удар против Милам, а игравме со десетмина, па сепак победивме со 2-0“, рече тој.

За потсетување, Интер со победата против Милан од 1:0 се пласираше во финалето во Лига шампиони. Првиот натпревар го доби со 2:0.

Scroll to Top