Пендаровски на стадион навиваше за Македонија: Момци бевте одлични, продолжуваме напред за на Светско

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер на арената „Тодор Проески“ го гледаше натпреварот Македонија – Исланд. Од трибините навиваше за репрезентацијата и се радуваше на головите, а понесен од атмосферата на стадионот, неколку пати стана од столчето и гласно ги бодреше фудбалерите.

„Честитки момци за одличната игра. Цела нација вечерва ја бодреше македонската фудбалска репрезентација во тешкиот меч против Исланд. Продолжуваме напред да се бориме за пласман за светското првенство во Катар. Се гордееме со вас“, напиша претседателот на социјалните мрежи.

За потсетување, Македонија вчера го победи Исланд 3-1 и обезбеди пласман во баражот за Светското првенство што ќе се игра догодина во Катар. Головите ги постигнаа Елиф Елмас и Џани Алиоски.

Според новите правила на ФИФА, баражот е замислен како мини турнир од полуфинале и финале, а сите репрезентации што се пласираа ќе бидат поделени во три групи. За да обезбеди пласман на Светско, Македонија ќе треба да победи во полуфиналето, а потоа и во финалето во групата. Натпреварите ќе се играат догодина во март, а противниците ќе бидат познати на крајот на ноември и ќе се избираат со жрепка.

Scroll to Top