Плус сајз моделот Тес Холидеј (37), која има два и пол милиони следбеници на Инстаграм, тврди дека боледува од анорексија. Таа во интервју за „Тудеј“ откри дека пред една година ѝ е дијагностицирано ова пореметување во исхраната, па таа решила да го сподели своето искуство за односот со храната и болеста со која се справува. Тес во својата исповед вели дека нејзината мајка трагично загинала кога таа имала 10 години и оттогаш таа ја користела храната како механизам да се справи со емоциите.
„Секогаш ги кријам грицките и вистинската количина на храна што ја јадам од околината. Во изминатата деценија, имав многу фази кога се лишував од храна. Тоа значи дека практично воопшто не јадев, или јадев многу малку. Исто така, можев да јадам само еден голем оброк на ден. Лани ми беше дијагностицирана анорексија, која не ја споделував со луѓето, а за тоа време оние кои не знаеја што ми се случува ме поттикнаа да продолжам да слабеам. Кога нутриционистот ми рече дека ги покажувам сите симптоми на анорексија, јас одговорив: ‘Зарем не гледаш колку сум дебела?’. Сепак, добив потврда за оваа дијагноза од психолог и моментално сум во процес на опоравување“, рекла Тес.
Таа вели дека ѝ требала храброст да зборува јавно за нејзината борба, ама и за да ги поттикне сите оние кои се борат со анорексија да побараат помош.
„Доживеав масовни напади од интернет тролови. Ме обвинуваат дека лажам и само сакам да привлечам внимание на себе. Ми пишуваат ‘Ова го правиш само за да пишуваат за тебе“. Тоа не е точно, а точно е дека во последно време повторно запаѓам во канџите на анорексијата и деновиве сè што внесувам се две шолји кафе. Сè уште не можам сама да сфатам како е можно ова мое дебело тело всушност да гладува?! Но, сфатив дека телото може да се изгладнува без разлика на формата и големината“, додала Тес.
Таа е разочарана, бидејќи анорексијата се поврзува само со една форма на телото.
„Таа се третира како болест на слабите, а ние останатите сме исклучени. Давам сè од себе да закрепнам и се трудам секогаш да имам грицки во моја близина кои лесно и брзо ќе ги внесам. Редовно одам на терапии и сакам да ги охрабрам сите во иста ситуација да се обратат кај професионалец.
„Ретка позитивна работа од пандемијата е што сега може да се разговара со терапевти преку интернет. Да ја немав таа можност ќе ми беше многу потешко“, вели таа.