Од 10 до 12 октомври годинава во домот „Ацо Шопов“ во Штип ќе се одржи 34. издание на фестивалот на забавни мелодии „Макфест 2019“.
Биба Додева, Александар Ристовски – Принц, Александар Митевски со актерот Дац, Елена Петреска, Даниел Дан, Коки и Тајфата, Симона Поповска се дел од пејачите кои ќе се појават на сцената.
По повеќе од две децении на „Макфест“ ќе настапи Росана Сариќ-Тодоровска. Прв пат ќе пејат и девојките од групата „Фрајле“, кои ќе се натпреваруваат во втората полуфинална вечер, со песна на македонски јазик.
„Се е подготвено за годинашниот „Макфест“. Ги избравме песните и учесниците и сигурен сум дека и годинава ќе имаме можност да слушнеме добри композиции, одлични пејачи со модерни сценски настапи“, рече на денешниот прес директорот на фестивалот Владимир Дојчиновски.