Почина актерката Кате Крстева, дојаен на МНТ, која сите ја знaеја како Мара Попара

На 82 години почина актерката Катерина Крстева, која на јавноста и беше позната како Мара Попара. Таа е дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија, најпозната по нејизните хумористични улоги и ведар дух. Веста за нејзината смрт ги затекна пријателите и колегите актери во неверување, па се простија од неа на социјалните мрежи.

„Нејзиниот препознатлив и ведар дух и лик, како и веселост на театарската сцена и ТВ екраните ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Како актерка е вработена прво во Драмски театар, за во 1964 година да премине во НУ Македонски народен театар, Скопје, каде останува сé до пензионирањето“, напишаа од Македонскиот народен театар.

Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан“ премиерно прикажана во 1965 година. Останати нејзини позначајни улоги во МНТ се во претставите: „Антица“, „Градскиот саат“, „Ревизор“, „Стапица за осум беспомошни жени“, „Мајка“, „Печалбари“, „Коштана“, „Молскавици“, „Граѓанинот благородник“, „Аудиенција и под нов покрив“ и последната „Крик“.

Има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику“, „Театарче лево ќоше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Битолски лакрдии“, „Волшебното самарче“, „Шеќерна приказна“, „Случки од животот“, „Тврдокорни“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, „Агенција осамени срца“, „Време за плачење“, „Мост“ и други. Меѓу последите улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“.

Scroll to Top