Утрово на 78 години почина Кирил Дојчиновски, првиот Македонец кој настапи на едно Светско фудбалско првенство. Настапи во рамки на репрезентацијата на Југославија во 1974 година во Западна Германија. Кариерата ја почна во Вардар, каде мина пет сезони, од 1962 до 1967 година.
За црвено-црните настапи на 218 натпревари. Во наредните седум години ќе игра за Црвена ѕвезда. Фудбал ќе игра до четвртата деценија и во некои од најсилните лиги во Европа. Во екипата на Троја игра во сезоната 1974/75, а во ФЦ Париз следните две години.
Беше стандарден член и на репрезентацијата на Југославија предводена од Миљан Миљаниќ. Во кариерата станал четирикратен шампион на Југославија, го има освоено Митропа купот, во сезоната 1970/71 беше дел и од полуфиналето во Купот на европските шампиони со Црвена Ѕвезда, а следната сезона и од четвртфиналето.
За првпат станува тренер во 1989 година, на Ел Салвадор. Во 1990 го предводи и Вардар, а потоа пак се враќа назад, каде со екипата на Луис Фрипо ќе стане двократен шампион. Беше тренер и на грчкиот клуб Ираклис и македонските тимови, Пелистер, Македонија Ѓорче Петров, Брегалница Дечлево и Брегалница Штип. Кариерата ја заврши како тренер во Вардар во сезоната 2007/08.
Добитник е на бројни признанија меѓу кои и Наградата за животно дело од Македонскиот олимписки комитет, како и признанието од белградска Црвена Звезда, за една од најголемите легенди во историјата на клубот.