Почина новинарот Владимир Богоев, еден од основачите на „Дневник“

Почина Владимир Богоев (61), новинар и еден од основачите на дневниот весник „Дневник“. Со него преку социјалните мрежи се прости син му, ексградоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

„Си замина мојот татко, а ваш другар и пријател Владимир Богоев. Тажен сум зашто го нема, пресреќен сум зашто го имав во животот“, напиша Стефан Богоев.

Владимир Богоев дел од новинарската кариера ја помина во дневниот весник „Вечер“, во најголем дел во дневната редакција.

Во време кога во државата постоеја само два днaвни весника на македонски јазик, заедно со група колеги тој беше во почетната екипа, која во 1996 година го создаде и почна да го издава „Дневник“, првиот дневен весник кај нас во приватна сопственост.

Подоцна, кога весникот беше преземан од ВАЦ, во рамките на компанијата кшто го издаваше, Владимир Богоев ја извршуваше функцијата извршен директор на „Дневник“.

Погребот на Владимир Богоев ќе се одржи утре, среда, во 12 часот, на гробиштата во Бардовци, во дворот на црквата „Света Тројца“.

Scroll to Top