Почина оперската дива Анастасија Низамова Мухиќ

Денеска во Скопје почина оперската дива Анастасија Низамова Мухиќ. Таа беше првенец на македонската опера и балет, певица и мецосопран, а меѓу пријателите беше позната и како голем вљубеник во планините.

Дипломирала соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а специјализирала во Италија. Дебитирала на оперската сцена на МНТ со улогата на Ненси во операта „Алберт Херинг“. Во МНТ е од 1972 година.

Таа е носителка на повеќе од 20 насловни и повеќе споредни улоги, во кои демонстрира музикалност и темперамент во сценската изведба. Позначајни улоги ѝ се: Орфеј (Орфеј и Евридика), Керубин (Свадбата на Фигаро), Ацучена (Трубадур), Адалџиза (Норма), Амнерис (Аида), Кармен, Розина (Севилскиот бербер), Мадалена (Риголето), Улрика (Бал под маски), Ирена (Цар Самуил).

Настапувала и со соло-рецитали, во вокално-инструментални дела и во областа на забавната музика – како интерпретатор на џез-композиции и спиритуали. Гостувала во Канада, САД, Полска, Русија.

 

Scroll to Top