Почина поетот и писател Тоде Илиевски

Денеска во Охрид по кусо боледување на 70 години, почина Тоде Илевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист.

Тоде Илиевски е роден 1952 година во село Мраморец. Гимназија завршил во Охрид, а Филолошки факултет во Скопје.

Автор е на книгите: „Ведро едро”, „Концерт за шумите”, „Изворите во горите”, „Зелен блен”, „Лов на Лебедовото Езеро“, „Ќерката на поетот“ и други. Членувал во редакциите на „Јужен бран”, „Спизалит“ и „ Радосна вест”. Одделни песни му се препеани на други јазици. Објавил преку 9000 енигматски состави, претежно анаграми, палиндроми и ребуси. Најголемиот дел е публикуван во „Котелец”, а дел во хрватски и српски енигматски списанија.

Застапен е во „Лексиконот на енигматичарите на Југославија“, во „Мал енигматски датумар” и во разни избори во енигматските списанија.

Објавил околу 450 шаховски проблеми во бројни специјализирани списанија за шах во 20 земји.

Беше член на Друштвото на писатели на Македонија од 1994 година. Живееше и твореше во Охрид. Еден период беше прв човек на Радио Дебар и директор на НУ библиотека „Григор Прличев” во Охрид од каде во 2018 година и се пензионира.

Scroll to Top