Почина Ратка Димитрова виолинистка и пратеничка во првиот парламентарен состав

На 80 годишна возраст , ненадејно почина Ратка Димитрова, долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје и пратеничка од првиот парламентарен состав во независна Македонија.

Ратка Димитрова,  дипломираше на отсекот за виолина на Факултетот за музичка уметност во Љубљана, а магистрираше на конзерваториумот „ Петар Илич Чајковски“ во Москва. Таа долги години беше професор на отсекот за виолина на ФМУ, каде и се пензионира, а музицираше како концерт мајстор во Македонската филхармонија и имаше повеќе соло настапи. Со осамостојувањето на Македонија во 1991 година, Димитрова беше пратеничка во првиот парламентарен состав , од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а ја основаше и Унијата на жени при оваа партија.

Ратка Димитрова ќе остане запаметена и како критичар на власта, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Никола Груевски.

Таа беше сопруга на поранешниот министер за образование и наука и за култура, Никола Димитров и мајка на доскорашниот министер за надворешни работи и според најавите , иден вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, доколку како што се очекува, денеска се изгласа новиот владин состав.

Датумот на погребот на Ратка Димитрова и комеморацијата за нејзиниот живот и дело дополнително ќе бидат соопштени.

Scroll to Top