Почнува третата сезона „Утринска на Телма“

В понеделник, 3 септември, ќе почне да се емитува третата сезона на емисијата „Утринска на Телма“. Марко, Елена, Гоце и Цеце по неколкумесечна пауза почнуваат ново дружење со публиката, овој пат во поинакво студио и со поразличен концепт од претходно, раскажаа тие за „Репортер“.

„Никогаш не смеме да бидеме тенденциозни, агресивно или насилно да настапиме. Никој од нас нема таков карактер или дух. Затоа и самото утринско шоу го реализираме со помошта на нашата утринска публика. Во овие 2 години добивме огромна количина љубов и поддршка, затоа сме пресреќни“, ни рекоа тие.

Новиот концепт на емисијата ќе има неколку промени, а „утринци“ велат дека и оваа година ќе внесат позитивна енергија, добри вибрации, многу лудории, музика и незаборавни заеднички мигови. Но, во емисијата ќе се вклучат и уште неколку нови ликови.

„Возбудени сме и за малото надополнување, убаво освежување за сите нас. Сакаме кога спонтано и по природен пат некои сегменти сами ќе се поклопат. Нашата публика ќе ја поздравиме на 3 септември во 8 часот со нова, малку различна сценографија, а во текот на сезоната ќе вклучиме и нови рубрики кои ќе ја надополнат шареноликата тв-програма. ‘Утринскиот градски информатор’ се надеваме ќе даде поинаков почеток и динамика на денот. Во текот на неделата ќе имаме гостување од најпопуларните македонски јутјубери со кои веруваме ќе донесеме многу смеа кај младата и повозрасната публика. Ќе имаме и нови соработници кои ќе имаат свои редовни рубрики. Нашиот соработник Димитар останува со уште подобри музички содржини и новитети во ‘Утринска алтернатива’, а тука ќе биде и Јосиф, кој ќе дава одговори на прашањата на гледачите“, велат тие.

(А.Ј)

Scroll to Top