Портрет од Атиџе се продава на фејсбук-аукција за 10.000 денари, а парите ќе ѝ бидат подарок за роденеден

Портрет со ликот на Атиџе Муратова, инспириран од „Медена земја“, се продава на аукција преку фејсбук-профилот на Сузана Турунџиева. Аукцијата е по повод роденденот на Атиџе, која денес полни 58 години. Сликата ја наслика уметникот Саше Милевски, а почетната цена е 10.000 денари. Аукцијата ќе заврши вечер на полноќ, а парите од хуманитарната аукција ќе ги добие Атиџе.

„Стартуваме со роденденска хуманитарна аукција по повод 58. роденден на нашата Атиџе Муратова. Планирано е тоа да биде 24-часовно наддавање за уметничко дело, портрет на Атиџе, кој за оваа цел го изработи младиот и талентиран уметник Саше Милевски во техника акрил на платно, со димензии 90х70. Оној кој ќе понуди највисока цена за портретот, ќе стане сопственик на истиот, и ќе има прилика средствата лично да ѝ ги подари на Атиџе“, напиша Сузана на „Фејсбук“.

Таа ги повика сите што ќе сакаат да наддаваат, да остават порака во коментарите.

„Добредојдени сте сите кои сакате да се вклучите во наддавањето кое ќе биде јавно, транспарентно, во коментари на овој пост. Почетна сума за наддавање е 10.000 денари. Секој кој ќе си дозволи коментар или порака со било каква навредлива содржина или говор на омраза ќе биде блокиран, отстранет од листа на пријатели и пријавен кај фб администратор“, додаде Сузана.

За потсетување, Сузана и Атиџе веќе подолго време се пријателки и често го поминуваат заедно. Лани Сузана на Атиџе ѝ организираше роденден во познат скопски ресторан, а потоа беа и на скијање на Шапка. Неодамна тие го промовираа првиот заеднички албум „Пола мене пола тебе“.

Scroll to Top