На 15-ти декември од 16:00 часот во „INTERMEZZO Music Bar“ ќе се одржи промоцијата и премиера на втората сезона на тинејџерската ТВ Серија „Тин камп“.
Сите присутни на настанот ќе имаат можност премиерно да ја погледнат првата епизода од ТВ серијалот и да присуствуваат на мини концерт на кој ќе ги слушнат легендарните хитови од новата сезона. Главните херои од серијалот после повеќе од 30 години ги препеаа хитовите на Дарио и Миг 21 „Косоока“, Оливер Мандиќ „Смејем се, а плакао би“, Екатерина Велика „Пар година за нас“, Каролина Гочева „Хипокрит“, Срџан Џул „Кокета“, Тамара Тодевска „1003“, Кире Митрев „Фрка“, со што новите генерации ќе имаат можност да ги слушаат препеаните хитови со нови аранжмани, вели организаторот.
Во втората сезона на „Тин камп“ во главните улоги се појавуваат веќе познатите тинејџерски ѕвезди Филип Поповски, Миха Гигов, Марија Јанчевска, Далиа Стоименова, Марин Стојановски, Дарија Врачевиќ како и познатите актери Тони Михајловски, Петар Мирчевски, Сара Климоска, Тамара Ристоска и познатиот српски актер Милан Калиниќ во улога на еден од професорите во кампот.
Серијалот „Тинејџерски камп„ е забавно-музички серијал кој ќе обработува теми соодветни за тинејџерите.
И во втората сезона на „Тин камп“, неколку деца, таленти во музика и танцување се упатуваат во Крушево, за да бидат учесници на музички камп. Сите учесници се дојдени со иста цел, преку натпревар да ја освојат главната награда, овој пат натпреварувајќи се против друг музички камп. Поради привлечноста на наградата, а и самото реноме на кампот, во Крушево се собираат деца од целиот Балкан, со што кампот станува интернационален. Оваа сезона кампот е повторно стациониран во Крушево, но учениците имаа можност да го посетат и градот Охрид. Тинејџерите од серијалот ја запознаа сета магија која ја носат овие градови, како што се историјата, природната убавина, авантурите и неверојатната енергија.
Во 10-те епизоди, учесниците на кампот ќе доживеат неповторливо искуство, учејќи нови животни лекции за првата љубов, разочарување, љубомора, првото пијанство, односот со родителите, емотивната состојба на младите, здравјето, внатрешниот мир, семејството, пријателите, и тоа вистинските пријатели, малите задоволства, желбата да помогнете некому. Заклучокот на крајот е дека пријателите се темелите на нашиот живот. Тие ги прават нашите животи побогати и исполнети. Времето поминато со пријателите, семејството и со саканите е најважниот момент во животот.
Серијата „Тин камп“ е ко-продукција на „Рифенштал„ и МРТВ.
Автор на серијалот, сценарист и продуцент е Цаци Паковска, која ќе има и свое обраќање на промоцијата. Режијата е на Марко Ѓоковиќ, а директор на фотографија е Драган Паковски. Музиката е на Лука Ѓоргиевски.