Викендов во скопската населба Бардовци свадба правеле геј-партнери, а забавата била во една од вилите во населбата. Младоженците, момче од Скопје и неговиот избраник, момче од Австралија со македонско потекло, за пријателите направиле вистинска журка. Претходно тие го склучиле граѓанскиот брак надвор од Македонија. На геј-забавата гостите ги забавувала фолк-пејачката Благица Павловска. На прашањето како поминала журката, таа за „Репортер“ вели: Навистина не би сакала да зборувам за ова, младожениците бараа дискреција и не би можела да споделувам детали“. На свадбата имало многу познати личности од јавниот живот, меѓу кои и водителката Лила Филиповска.
„Искрено, не би ја ширела приказната за луѓево зашто ми се многу блиски. Љубовта е љубов без разлика на тоа во каква форма е и меѓу кого е. Тоа беше обична прослава на љубовта и не гледам никаква сензација тука. Секогаш сум била и ќе бидам поддржувач на љубовта. Зашто на крајот на денот, најбитно е да се сакаме наместо да шириме омраза и негативна енергија“, изјави Лила за „Репортер“.
Веселбата била до доцна во ноќта. Младоженците ги замолиле гостите поради дискреција да не снимаат и да не ги сликаат младоженците.