„Разочарани сте, но да му покажеме љубов на Вардар“ – Тимур Дибиров ги повика фановите да останат верни на клубот

Откако заради финансиските проблеми на клубот неколку ракометари си заминаа од „Вардар“ среде сезона, Тимур Дибиров ги повика фановите да им останат верни и да доаѓаат на натпреварите. Тој им порача дека не се откажува од „Вардар“ и покрај тешката ситуација и дека клубот пак ќе биде успешен.

„Драги фанови, знам дека сега ние сме во тешка ситуација и сите вие сте многу разочарани, но сега е момент за сите нас да се обединиме и да покажеме дека Вардар бил и ќе биде, и може да победи секогаш, и сите заедно ќе си дадеме поддршка кога е најтешко. Ве повикувам сите во салата и да покажеме што е љубов, заедно можеме да направиме се“, напиша тој на „Инстаграм“.

Дибиров доби поддршка од хрватските ракометари Лука Циндриќ и Игор Карачиќ кои порано играа за „Вардар“, но и од многу фанови. Рускиот ракометар е во „Вардар“ од времето кога клубот го купи Сергеј Самсоненко. Неодамна во интервју за „Репортер“ Тимур раскажа како решил да игра во клубот и зошто не сака да си замине од Скопје.

„Вардар секогаш ќе ми биде во срцето. Никогаш и никаде не сум добил поддршка како од фановите во Јане Сандански. Тоа е најдобрата публика што еден спортист може да ја посака“, рече тогаш во интервјуто Тимур.

Тимур Дибиров: После седум минути се оженив со Ирина

Scroll to Top