Режисерите на документарниот филм „Медена земја“, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, ќе снимат неколку нови филмови, пишува „Варајати“.
Тамара добила финасиска поддршка за својот дебитански игран филм со работен наслов „Човек против јато“. Станува збор за приказна која говори за меѓугенерациски конфликт, односно контрастот на старите вредности и брзото темпо на современиот живот. Филмот ќе го снима во соработка со Стефанов и се надева дека ќе почне со снимањето идната година.
„Човек против јато“ е приказна за стар, тврдоглав селанец кој е горд на своите корени и земја, неговата модерна, независна ќерка која се обидува да ја избегне традиционалната улога и еден млад блогер зависен од адреналин кој сака да ги открие своите корени, но, преку низа недоразбирања, создава хаос на патот.
Во моментот Стефанов, пак, работи на анимиран проект што говори за климатските промени. Филмот е со работен наслов „Швајцарско перење“.
„За мене, правењето филмови не е само раскажување различни приказни.Мојата почетна точка е дека има прашања што ме интересираат и што мислам дека знам како да ги преведам тие прашања на јазик што е универзално разбирлив“, изјавил Стефанов за „Варајати“.