Режисерката Тамара Котевска со светска премиера во Њујорк за својот нов документарен филм „Патување пеш“

Документарниот игран филм „Патување пеш“ (The Walk), во режија на Тамара Котевска, ќе ја има својата светска премиера во Њујорк, САД, на 9 ноември оваа година на DOC NYC, најголемиот американски фестивал за документарни филмови.

Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка, која патува преку сириската граница во Турција низ Европа обидувајќи се да си најде дом. Тоа е филм за детската невиност и за моќта на имагинацијата во време на криза, која ја следи одисејата на Амал преку два континента.

Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија се двајцата исклучително талентирани актери, кои се дел овој проект, а ја делат истата судбина како и огромен број бегалци што изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште. Во моментот во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар.

Филмот се снимаше 2 години на територијата на повеќе од 10 земји, помеѓу Сирија на исток и Обединетото Кралство на запад, како и на бреговите на Јужна Африка. Во реализацијата на филмот, покрај режисерката Котевска, учествуваа и монтажерот Мартин Иванов, кинематограферот Самир Љума и композиторот Дуке Бојаџиев. Тамара Котевска постигна огромен успех како корежисер на документарниот филм „Медена земја“ во 2019 година кога филмот доби 3 награди на култниот американски филмски фестивал „Санденс“, а следната година имаше номинации за „Оскар“ во 2 категории.

Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, GRAIN MEDIA.
Kако македонски копродуцент се јавува „ОХО продукција“, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.

„ОХО продукција“ обединува искусни и перспективни професионалци од земјата и светот, во ТВ и филмска продукција, анимација и рекламирање за да реализира проекти што ја унапредуваат модерната македонска кинематографија.

Текстот Режисерката Тамара Котевска со светска премиера во Њујорк за својот нов документарен филм „Патување пеш“ е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top