Самир Љума и Фејми Даут од „Медена земја“ ја добија најпрестижната награда за кинематографија

Самир Љума и Фејми Даут од „Медена земја“ ја добија наградата за најдобра кинематографија за Документарен филм на 34. доделување на ASC (The American Society of Cinematographers) наградите во Лос Анџелес. Наградата им ја додели Тод Филипс, режисерот на „Џокер“, кој во својата најава рече дека ова е „златно време на документарниот филм“.

„Многу е чудно, да бидеш дел од оваа свеченост. Ова е првпат, некој од Македонија да биде дел од оваа церемонија за доделување на најпрестижните награди“, рече Фејми Даут.

„Многу сме возбудени, си одиме оттука со награда. Што и да кажам, ќе звучи чудно со нашиот англиски, бидејќи не можам да ги искажам моите емоции и благодарност до организаторите, за отворените врати на документарната кинематографија. Мило ни е што ние сме првите победници овде во оваа категорија. Чест ни е. Ако пребарате од каде доаѓаме, што работевме, тоа е одличен пример за сите што сакаат да ја работат оваа работа, дека сè е возможно. Можеш да ја земеш оваа награда ако си многу чесен и ако го сакаш тоа што го работиш, тогаш ќе се оствари и твојот сон“, рече Самир Љума на церемонијата.

Македонскиот филм „Медена земја“ е во трката за оскарите во две категории – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. По победата на американскиот фестивал „Санденс“ лани, „Медена земја“ освои голем број награди, номинaција за европски Оскар, а имаше и одлични критики од најреномираните филмски критичари и медиуми.

Документарниот филм „Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума.

Scroll to Top