Македонската глумица Сара Климоска на 14 јуни во Берлин ќе ја прими наградата Shooting Stars, што ја доделува платформата Европска филмска промоција. Оваа награда се доделува во рамките на најпопуларниот филмски фестивал во Германија, Берлинале. 71. издание на фестивалот се одржа во март, а наградите ќе се доделат во периодот од 9 до 20 јуни.
Климоска е меѓу 10. актерски таленти во подем во Европа. Ѕвездата на „Врба“ на Милчо Манчевски е номинирана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а во изборот се и млади таленти од Германија, Франција, Холандија и Шведска.
Наградата ја добива за улогата во дебитантскиот филм на Игор Алексов, „Лена и Владимир“, во продукција на „Минд“, според сценариото на Александар Русјаков.
Претходно оваа награда досега ја добиле Лабина Митевска во 1998, Наташа Петровиќ во 2011 и Благој Веселинов во 2019.