Актерот Атанас Атанасовски е еден од омилените на публиката. Со својот колега Тино Костадиновски одамна се препознатливиот шарм на Театар „Комедија“, каде што играат во повеќето претстави. Од нивниот авторски проект „Чао, пријатно“ до „Вардарски пастуви“ или „Стјуардеси“, преку „Не сега, драга“, а се дел и од тимот на „Златна бубамара на популарноста“.
Атанас веќе една година ужива и во улогата на татко по раѓањето на синот Павле. Тој е во брак со Александра, со која претходно беа подолго време во љубовна врска. Иако ретко зборува за приватниот живот, сепак сподели по нешто интересно во интервјуто во „Репортер“.
Репортер: Лани во јануари стана татко, како се снаоѓаш?
Секој ден учам нешто ново. Еве денес научив дека фразата „тата, тата“ може да значи многу работи, како: сакам вода, дај ми ја играчката, земи ме во раце, сакам да спијам, смени ми пелена. Разликата е во поттекстот.
* Синот доби име Павле, по кого е крстен?
По еден таксист, кој, за жал, повеќе не е меѓу нас.
*Како е да си татко, помагаш дома, како ти поминува денот?
Како работник во фабрика со саатница и смени, такво ни е уредувањето. Денес ако си прва смена, утре си трета. Некогаш има и паузи меѓу неколку часа.
*Во брак си со Александра, оние што ја познаваат ја викаат Бела. Како почна љубовта?
Бевме во врска неколку години и еден ден помеѓу две мои проби пред да почнам со претстава, отидовме до матично, се потпишавме и си продолживме со секојдневието.
*Колку те промени синот Павле?
Не знам каков бев порано. Каков сум сега, сигурно не сум истиот.
*Како ја издржуваш пандемијата, подготвувате претстави со проби на „Зум“?
Искрено, веќе не ја издржувам. Спремавме една претстава, „Клетвата на Скотие“, и како клетва се појави вирусот, кој нѐ стави во позиција да не можеме да ја покажеме пред публиката нашата клетвосана претстава. Во поубави времиња се надевам ќе се смее публиката на секакви карактери кои веруваат во клетви. Сега работиме на платформата „Зум“, таму имаме читачки проби за текстот на Тимур Вермес, популарниот „Пак тој“, ова е всушност роман на кој режисерот му направи драматизација, а се работи за тоа дека Адолф Хитлер се враќа во денешно време и ништо не му е јасно.
* Како е да се глуми на „Зум“?
Искрено, кога доцни интернетот – многу смешно, некои реакции се задоцнети, некои забрзани, всушност, од една страна, малку комично, а од друга, иритирачки.
*Претпоставувам, многу ти недостигаат театарот, сцената, публиката?
Добра ви е претпоставката, на почетокот мислев дека ќе ми годи целава оддалеченост од театарот дека ќе се одморам малку, дека ќе можам да правам други работи, но сепак сфатив дека театарот е мојот живот, секоја вечер поинаков, барем од 20 часот до 23 часот.
*Која беше последната претстава што ја одигравте пред да почне пандемијата?
„Човек, доблест, ѕвер“ од Луиџи Пирандело. Во претставата се работи за еден професор кој затруднува мажена жена додека мажот ѝ е на море, но тој се враќа и настануваат комични ситуации.
*Со што ќе го отворите театарот кога ќе се врати животот во нормала?
Сигурно со новите две премиери што ги спомнав погоре во интервјуто и искрено се надевам дека ќе успееме да ги вратиме и претходните претстави што живееја на сцената на нашиот театар на кои публиката уживаше да доаѓа.
*Се гледате ли со Тино?
Се гледаме со Тино, да. Работиме заедно на еден нов проект. Чекаме да го реализираме, ама постојано нешто ни го одложува снимањето. Ама нема отстапки, ќе мораме да го завршиме пред празниците.
Александра Георгиев